04.10.2013 Скопје – СУ Р.Ј.Корчагин
Работен состанок со директорите на средните училишта на подрачјето на град Скопје.
На 04.10.2013 во просториите на Средното училиште “Раде Јовчевски Корчагин” се одржа работен состанок со директорите на средните училишта на подрачјето на град Скопје, Раководителот на Сектор за образование на град Скопје, претставници од менаџерскиот тим на двете агенции за приватно обезбедување кои даваат услуги за обезбедување на училиштата, претседателот на Комората за приватно обезбедување како и релевантни полициски службеници надлежни за безбедноста на подрачјето на Скопје. На состанокот се потенцираше целта за одржување на состанокот а тоа е координација на сите надлежни во делот на безбедноста на учениците и тоа нивната безбедност во и надвор од училиштата, со посебен акцент на надлежностите на МВР, како и координацијата со работниците за обезбедуавање и директорите и стручните служби во училиштата. Од сите дискусии, потенцирано беше дека најчесто проблемите и инцидентите се случуваат надвор од училишните дворови и дека не може да се стави предзнак дека инцидентите секогаш се случуваат на меѓуетничка основа, напротив често учесници се ученици од иста национална припадност.
На состанокот беа донесени следните заклучоци:
– Проблемот со малолетничкото престапништво бара мултидисциплинарен пристап во третирањето на проблемите, од тие причини потребно е целосно ангажирање на сите институции, а пред се вклучување на учениците во делот на идентификуавњето и решавањето на проблемите;
– Зајакнување на превентивните активности во училиштата, со потенцирање на проектот “Безбедни училишта” како позитивна пракса воспоставена од 2012 година, со опфат на активности кои вклучуваат едукативни предавања за правата и обврските на учениците. Со активностите да се опфатат и родителите преку редовните состаноци на советот на родители и родителските состаноци;
– Присуство на полицијата, пред и во училишните дворови, како и на автобуските постројки како идентификувани места каде најчесто се случуваат нарушувања на јавниот ред и мир;
– Соработка со инспекторите за малолетничко престапништво и стручните служби во училиштата за навремено идентификување на малолетници во ризик и соодветен третман од страна на стручните служби;
– Координација помеѓу работниците за обезбедување и полицијата во интерес на зголемена ефикасност;
– Изготвување на информативен лист во кој ќе се објаснат надлежностите на агенциите за приватно обезбедување (работниците за приватно обезбедување) и надлежностите на полицијата, кој ќе биде проследен до сите директори на средните училишта и Секторот за образование на град Скопје.
Општ заклучок од состанокот е дека со превентивното дејствување и навременото идентификуавње на факторите на ризик, ќе го спречиме виктимизирањето на малолетниците и ќе го намалиме бројот на девијантни појави во и надвор од училиштата.
Работен состанок со директорите на средните училишта на подрачјето на град Скопје
